Тркалезна маса – „Биди креатор на својата автономна зона – Младински Центар“
Тркалезна маса која е дел од проектот „Биди креатор на својата автономна зона – Младински Центар“ се одржа на 05 април 2023 година во хотел Кристал Палас, Прилеп.
Целта на тркалезната маса, на којa присуствуваа градоначалникот, членови на советот на општината, локални здруженија и млади, беше да се дискутира и да се презентираат Препораките од младите поврзани со иновативната иницијатива „Отворање на Младински Центар во Прилеп“.
Од Тркалезната маса се очекува да бидат повикани на одговорност локалните власти за реализација и интегрирање на нивното предизборно ветување (Отворање на Младински Центар во Прилеп) во оваа годишна програма на Општината.
Група локални млади, учесници во проектот „Биди креатор на својата автономна зона – Младински Центар“ спроведуван од страна на Младински Совет Прилеп, изготвија Позициски документ каде се вградени позициите и препораките дадени од младите лица при реализација на локални активности, вклучувајќи работилници, онлајн кампања преку аудио и видео поткасти, отворени денови за млади организирани во централното подрачје на Прилеп и петиција „Зона на млади“ која ја потпишаа околу 600 млади лица.
На овој настан, Градоначалникот на Општина Прилеп Борче Јовчески истакна „Општина Прилеп има назначено службеник за млади. Пристапивме кон формирање Локален младински совет и следејќи ги потребите на младите луѓе во најбрз временски период ќе ги спроведеме процедурите за да се отвори Младински центар во Прилеп“.
„Денес сме тука да го пренесеме гласот на младите, нивните желби и потреби да имаат свое катче, простор кој се вика Младински Центар, нешто кое Младински Совет Прилеп интензивно го застапува во изминативе шест месеци. На настанот заедно со донесувачите на одлуки, младинските организации и младите ќе ги дискутираме активностите како и резултатите постигнати преку нашата иницијатива. Исто така ќе се разговараме што треба да обезбеди центарот во согласност со потребите и желбите на младите, како и за тоа кои се причините поради што сеуште не е отворен, и што планира да направи општината за овој центар да биде отворен во најскоро време и во Прилеп. На настанот ќе биде доставен и Позицискиот документ кои што ги содржи препораките од младите како и 600 потписи собрани во знак на поддршка за отворање на овој Младински Центар во Прилеп“. – изјави Марија Ташкоска, програмски асистент во Младински Совет Прилеп.
Ненад Кулески, претставник на училишната младинска организација при гимназијата Мирче Ацев од Прилеп истакна „Отворањето на Младински Центар во град Прилеп е проект со исклучително голема важност за нас младите, бидејќи истиот би претставувал катче каде преку друштвени игри, спорт и рекреација би го поминувале слободното време, а воедно ќе може да се користи и за едукативни цели.“
Активностите се дел од проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Искажаните ставови, мислења и содржини на овие активности не мора да ги отсликуваат ставовите на донаторот, проектот или имплементаторот.” #CHinMK
- Start Date: April 05, 2023
- Start Time: 12:00
- End Date: April 05, 2023
- End Time: 14:00