ИНФО ДЕН 1 – Биди креатор на својата автономна зона – Младински Центар

Се одржа ИНФО ДЕН во Стара Чаршија во Прилеп, како дел од проектот „Биди креатор на својата автономна зона – Младински Центар“.


Младински Совет Прилеп на 20 декември 2022 година во делот на Стара Чаршија во Прилеп организираше ИНФО ДЕН за да влијае на подигнување на јавната свест кај младите како и кај креаторите на политики за нивна поголема одговорност и транспарентност во локалната заедница.

На ИНФО денот се примени методот „Opinion Boulevard“ каде преку видливо поставени табли, младите имаа можност да ги дадат своите мислења за нивната перцепција дали постапувањето на локалната самоуправа кон проблемот – Отворање на Младински Центар е задоволително и дали истите сметаат дека проблемот е во процес на имплементација. Младите имаа можност да дадат мислење за тоа „Каков тип на активности и услуги треба да нуди Младинскиот Центар’’. Волонтерскиот тим на МСП и мобилизаторите на заедницата беа ангажирани при реализација на ИНФО ДЕНОТ.

„Младинскиот Центар им е потребен на младите за дел од своето слободно време да можат да го поминат на интересен и креативен начин. Младинскиот Центар во Прилеп е ветен од страна на Градоначалникот, но сеуште не е исполнет“, рече Андреј Тошески, мобилизатор на заедницата.

„Ние како млади луѓе имаме интереси и сакаме овие интереси да ги споделуваме со некој, да се вмрежуваме со други луѓе. Место каде што ќе можеме да разговараме за своите омилени книги и филмови, место каде ќе играме видео игрици, разменуваме идеи, мисли, место каде ќе има свирки и слично. Ова е она што ни е потребно. Па затоа сме денес овде со цел да ја подигнеме свеста на младите и локалните власти. Односно да им докажеме на младите дека сме ние тие кои што ја имаме иднината во раце и од нас се зависи, затоа да се избориме Младинскиот Центар да стане реалност,“ изјави Марија Димитриоска, мобилизатор на заедницата.

Младински Совет Прилеп ги сумираше мислењата и перцепциите на младите во вид на препораки, кои подоцна по спроведувањето на останатите 2 ИНФО ДЕНОВИ, предвидени да се реализираат во месец јануари ќе бидат преточени во Позициски документ, кој ќе биде доставен до Градоначалникот и Советот на Општината и јавно промовиран на веб страните на Младински Совет Прилеп и Радио Пулс.

Активностите се дел од проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Искажаните ставови, мислења и содржини на овие активности не мора да ги отсликуваат ставовите на донаторот, проектот или имплементаторот.” #CHinMK

  • Start Date: December 20, 2022
  • Start Time: 12:00
  • Location: Стара Чаршија - Прилеп
  • End Date: December 20, 2022
  • End Time: 14:00