12 август – Меѓународен ден на младите
12-ти Август, е меѓународниот ден на младите. Од 1999 Обединетите Нации по резолуцијата 54/120 го усвојуваат овој ден со цел постојано да се унапредува положбата на младите.
Оваа година, прогласена како Година на младите, се организираа серија на настани и активности по повод Денот на младите кои имаат за цел да го слушнат гласот на младите, да се препознаат нивните заложби, да ги поттикнеме да бидат активни чинители во креирање на процеси кои се важни за нив, а од друга страна да бидат креатори на нивната сегашност и иднина и да продолжиме да изнаоѓаме нови начини и методи заедно.
Еден од настаните во рамки на неделата на млади е регионалната младинска конференција „Младите во ‘Отворен Балкан’ – шанси и перспективи за сигурен напредок во регионот“. На конференцијата беа присутни млади, претставници на форми на младинско организирање, министри и други претставници на институции од регионот, како и претставници од меѓународни институции кои заедно учествуваа во четири работни групи на теми од голема важност за младите: младинско учество, политики за вработување, младинска работа и млади во дигиталниот свет.
Членовите на Младински Совет Прилеп како учесници на оваа конференција, се вклучија во работните групи за: младинско учество и политики за вработување.
Програми за платена пракса, поддршка за самовработување и поттикнување на младинско претприемништво, едукација, менторство, поголема информираност на младите, но и поголема транспарентност на институциите, меѓусекторска и меѓуинституционална координација и сорабока, поедноставување и дигитализација на процедурите, анализа на пазарот на трудот и кариерно насочување од основно образование беа дел од препораките за подобрување на младинската вработливост.
Работната група за младинско учество, фасилитирана од страна на Зоран Илиески, Претседател на Младински Совет Прилеп, ги креираше следниве препораки за подобрување на младинското учество во регионот:
- Локалната и централната власт да обезбедат мерки за поттикнување на поголем ангажман на младите;
- Обезбедување повеќе образовни програми како Еразмус + за јакнење на заедниците преку правење културни и едукативни настани;
- Владите треба да обезбедат повеќе средства за локалните невладини организации кои ќе обезбедат активности за младите;
- Владите од регионот треба да ги отворат вратите и да обезбедат институционални посети за младите;
- Владата од регионот треба да инвестира во инфраструктура која ќе ја поддржи мобилноста и поврзувањето на младите;
- Институциите треба да ги промовираат сите постоечки механизми и можности за младинско учество преку: отворени денови, инфо центри, социјални медиуми, дигитални платформи и алатки или воспоставување национална платформа за младинско информирање, во исто време обезбедување бесплатен интернет за младите луѓе во училишта и универзитети, библиотеки, читални;
- Владата треба да вклучи награди и санкции со цел јакнење на постоечките механизми за младинско учество и поддршка на нови;
- Потребна е зголемена финансиска поддршка од владите од регионот, што ќе го стимулира учеството на младите во процесите на одлучување;
- Да се обезбеди учество на младите во евалуацијата на спроведувањето на младинските политики и мерки;
Нека е среќен денот за сите млади и за оние кои се чувствуваат така!
- Start Date: August 11, 2022
- Start Time: 09:30
- Location: Hotel Panoramika Design & Spa
- Address: Todor Aleksandrov 57, 1000 Skopje, Macedonia
- End Date: August 11, 2022
- End Time: 15:30