Го нарекуваат брак, но за десетици девојки од Северна Македонија тоа е всушност експлоатација завиена во културолошки норми. Присилните детски бракови станаа доминантна форма во трговијата со деца – скриено кривично дела кое на децата им ја краде слободата, безбедноста и иднината.
„Преку присилни бракови, сексуална и трудова експлоатација децата стануваат жртви на злосторства направени од страна на возрасните, кои земаат се’ повеќе замав. Од 56 идентификувани жртви во Република Северна Македонија, во последните три години 15 биле деца, од кои половината, односно 7 на возраст од 13 до 17 години биле жртви по основ на присилен детски брак“
-вели Ана Бурагева Алексова, Секретарка на Националната комисија за борба
против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Северна Македонија.
„Во последните десет години, вкупно се идентификувани 138 жртви на трговија со луѓе, од кои 45 се деца. Ова значи дека речиси една третина од сите жртви се најмладите и најранливите лица во нашето општество. Од овие 45 деца, 19 биле жртви на присилен детски брак, што дополнително ја нагласува сериозноста на проблемот. Најчесто станува збор за девојчиња, а овие случаи се појавуваат во заедници со зголемена социјална и економска ранливост. Податоците покажуваат дека постои тренд на „внатрешна трговија“, односно експлоатација во границите на државата, што ја прави оваа појава уште потешко препознатлива и укажува дека присилните бракови не се само културен или социјален феномен, туку
реалност која го нарушува основното право на децата, правото на образование, на слобода и на безбедност,“
– објаснува Бурагева Алексова.
Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција на Република Северна Македонија, во соработка со заедничката програма на Советот на Европа и Европската Унија „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, а по препораките на Експертското тело за акција против трговија со луѓе на Советот на Европа – ГРЕТА, прави огромни напори за спречување на ова злосторство врз децата.
„Нашата заложба како Национална комисија е токму тоа – да обезбедиме интегриран, континуиран и одржлив систем на заштита, кој ќе ги стави децата во центарот на вниманието, не само како ранлива група, туку како носители на правото на безбедно, достоинствено детство. Во рамките на овие приоритети, спроведуваме континуирани обуки за полицијата, социјалните служби, образовниот кадар, како и за здравствените работници. Целта е јасна – навремено и точно препознавање на индикаторите за трговија со луѓе/деца, особено кај најранливите категории. Ја јакнеме меѓу-секторската соработка преку системска координација на клучните министерства, но и граѓанскиот сектор. Во таа насока, клучна улога имаат мобилните тимови – кои работат на терен, директно со семејства во ризик. Нивната задача е рана детекција, едукација и идентификација на можни случаи на трговија со деца, вклучително и случаи на присилни детски бракови, кои во дел од заедниците сè уште се третираат како „нормална“ практика,“
посочува Ева Илиевска, Заменик национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија.
ПОДДРШКА ЗА ЕФИКАСНА БОРБА ПРОТИВ ПРИСИЛНИТЕ ДЕТСКИ БРАКОВИ
Минатата година, медиумот Радио Пела, поддржан од ЕУ и Советот на Европа ја спроведе иницијативата „Промени го мислењето – остани надвор од маѓепсаниот круг“ преку радио драма и театарска претстава „Маѓепсан круг“, прикажана во Пелагонија, а кон крајот на декември оваа година и во Скопје, има за цел да овозможи попристапен начин заедницата да препознае, открие и алармира за појавата на присилни детски бракови. Театарската претстава вклучува приказни за борба против невидливите синџири што ги држат жртвите
на присилни бракови и трговија со луѓе, за подигнување на јавната свест кај локалните заедници за борба против трговијата со луѓе и присилните детски бракови. Република Северна Македонија и оваа година се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден против трговијата со луѓе, 30-ти јули, востановен од Генералното собрание на Обединетите нации, со надеж дека ќе се прекине маѓепсаниот круг на трговија со деца за присилни детски бракови. Се додека ниту едно дете повеќе е тргувано под маската на традицијата, борбата мора да продолжи. Не само како законска, туку исто така и како морална обврска.
Аудио-сторијата може да ја слушате на Радио Пулс на 30 јули 2025, во 12:00,15:00 и 19:00 часот.
Оваа медиумска сторија е изработена со финансиска поддршка на
Европската Унија и на Советот на Европа. Нејзината содржина е единствена
одговорност на авторот(ите) на редакцијата на Радио Пела. Изразените ставови во никој случај не може да
се сметаат дека го одразуваат официјалното мислење на Европската унија
или на Советот на Европа.