Македонија се соочува со една од најголемите стапки на младинска невработеност во Европа која изнесува 35%. Според истражувањето “Европска интеграција и младинска мобилност”, разочараноста на младите може да се увиди и преку следните состојби:

  • 87% од младите сметаат дека државата не го користи нивниот потенцијал;
  • 84% сметаат дека државата не обезбедува можности за развој;
  • 77% од младите кои моментално живеат во Македонија размислуваат да се иселат од државата. Друг значаен фактор покрај вработеноста беше и лошиот квалитет на живот: здравство, образование, пристап до јавни услуги, животната средина;
  • Дури 90% од младите сметаат дека актуелните политики за млади во државата се неефикасни;
  • 67% дека државата нема стратегија како да ги задржи младите во Македонија.

Образованието се смета како прва и основна причина бидејќи не е соодветно прилагодено на потребите на пазарот на труд, што резултира до следниве последици:  Неможност на младите да најдат работа и неможност работодавачите да вработат работници со потребните вештини. Голем број од работодавачите сметаат дека постои криза на вештини, бидејќи деловните субјекти се сведоци на големо не совпаѓање помеѓу вештините што ги учат во образовниот систем и оние кои се потребни на работното место.

Зачестената интенција на развој на привремени форми на работа како што се пракса, сезонски работни места и краткорочни договори ги оставаат младите во подредена положба и несигурни ситуации. Бидејќи работните места се со привремен договор младите се првите кои се отпуштаат кога компанија го намалува бројот на вработени за време на кризни ситуации како што е сега со пандемијата.

Стапката на младинска невработеност е висока како последица на ниската вработеност на младите лица која е 2,5 пати пониска од просекот во земјата како и не вклученост во

општествено економските случувања кои резултираат со миграциски движења или одлив на мозоци. Ова негативно се одразува и на инвестициите и економскиот развој како и зголемување на социјалните трошоци и губење на инвестициите кои се вложиле во образованието и обуката на овие луѓе.

Факт е дека образованието не нè подготвува нас младите за реалниот свет.

Овој проблем е загрижувачки за нас младите, бидејќи се доведува до прашање пред се менталното здравје кај младите (намалена среќа, чувство на незадоволство, страв од неизвесна иднина), поголеми девијантни однесувања (криминал, коцкање, безделничење) зголемување на миграцијата и губење на високообразовниот кадар. На подолг рок и пад на наталитетот, стареење на нацијата и уништување на популацијата.Главното решение на овој проблем е зголемување на вработеноста кај младите.

Но, како ќе го постигнеме тоа ?

Прво, образованието треба да се синхронизира со потребите на индустријата. Тоа ќе се постигне со разни младински програми за усовршување на вештините кај младите, воведување задолжителна обврска на секој работодавач, да обезбеди практикантски места во текот на една година, со поголемо учество од страна на владата која ќе обезбеди грантови и субвенции за практикантство и учење на работно место.

Второ, преку формирање на тело каде што ќе има претставници од страна на индустријата/бизнисите, образовниот сектор и владата и коешто ќе работи на изнесување на потребите на индустријата и отворање на можност да ја прикажат својата понуда, а младите да го пронајдат патот до посакуваното работно место.

 

Written by:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *