Oдржани првите регионалните музички награди – МАС 2019

Во арената „Штарк“ во Белград, на 29.01.2019, се одржа првото доделување на регионалните музички награди „Мјузик авордс серемони“ или МАС 2019, а благодарение на организаторите од продукцијата „Скај мјузик“, четиричасовниот настан беше вистински спектакл со врвен квалитет, по теркот на светските настани од овој тип, па публиката можеше да ужива со одлично осмислените настапи на најголемите музички ѕвезди од регионот.

Секако дека манифестацијата започна на црвениот килим, каде што продефилираа преку 200 познати личности, вклучувајќи ја и нашата Каролина Гочева, која беше и единствената Македонка што настапи на доделувањето. Таа беше номинирана во категоријата најдобра етно-песна за темата „Ти не дојде“, за која ја освои наградата од публиката.

Новинарите на црвениот килим се пожалија дека веќе подолго време не запеала ништо на српски јазик, како што тоа го правеше со претходните поп-изданија, на што Каролина одговори дека „Македонско девојче“ и „Извор“ најубаво и најавтентично звучат на македонски и нема потреба од препев на други јазици, а доказ за тоа е и освоената награда токму од публиката.

На сцената во арената „Штарк“ (кој во живо, кој на плеј-бек) настапија и: Марија Шерифовиќ, Јелена Розга, Жељко Јоксимовиќ, Петар Грашо, Наташа Беквалац, Бајага и Инструктори, Раста, „Ван Гог“, Тони Цетински, Масимо Савиќ, Аца Лукас, Јелена Карлеуша, „Плави оркестар“, Стјепан Хаусер, Емина Јаховиќ (со Жељко Јоксимовиќ), Сергеј Четковиќ, Тончи Хуљиќ и Јелена Розга (со песни од „Магазин“), „Тропико бенд“, „Лету штуке“, „Лолобриџида“ и „Вива вокс“.

Како што е познато, за победниците одлучуваа и публиката и радијата од регинот, така што речиси секоја категорија имаше по два победника. По еден победник имаше категоријата за најдобар концерт, каде што публиката, радијата и стручните жирија го изгласаа Аца Лукас, како и категоријата за најдобро музичко видео, кое отиде во рацете на Емина Јаховиќ и Милица Тодоровиќ за нивната „Лимунада“, додека за најдобар нов изведувач беше прогласена младата српска пејачка Марија Жежељ.

За машки изведувач на годината, пак, беше прогласен Тони Цетински, а за женски изведувач на годината Марија Шерифовиќ, додека специјалната златна награда за посебност и поинаков придонес за музиката ја доби едната половина од светски познатото хрватско дуо „Ту челос“ – Стјепан Хаусер.

Специјалната награда за особен придонес и афирмирање на музиката во регионот, која ја доделија македонските актерки Јана и Ана Стојановски, а отиде во рацете на легендарниот Жељко Самарџиќ, со кого македонската публика ќе може да се дружи на 16 февруари во „Борис Трајковски“, додека со признание за посебен придонес во афирмирањето на музиката во регионот се закити тимот на фестивалот „Егзит“, кој е еден од водечките музички фестивали во светот, а повеќепати бил и прогласуван за најдобар во Европа.

Како што беше соопштено претходно, сите собрани средства од телефонското гласање и од продажбата на влезниците ќе бидат наменети за хуманитарни цели, односно за хуманитарната организација УНИЦЕФ, која ќе ги распредели средствата ширум земјите од регионот. Но, гласањето продолжува уште цел месец, а публиката овој пат ќе може да гласа за својот омилен настап од манифестацијата, па доколку го пропуштивте преносот во живо, целиот настан можете да го прегледате на Јутјуб.

Сè на сè, навистина одлично прво доделување на регионалните музички награди и се надеваме дека истото ќе прерасне во традиција. Водители на настанот беа Џуле од „Ван Гог“, Ида Престер од „Лолобриџида“ и Аида Јокановиќ, а комплетниот список со победници ве очекува на следниов линк.

Веста е преземена од: http://www.radiomk.com