ГАЛОСКИ ПОВТОРНО ЌЕ СНИМА ЗА “ARMADA MUSIC”

Македонскиот диџеј Галоски повторно ќе снима за „Армада мјузик“ (Armada Music), издавачката куќа која е во сопственост на еден од најголемите диџеи во светот Армин ван Бјурен (Armin van Buuren).

„Посебна чест и задоволство ми е да го најавам моето ново издание на ’Армада мјузик’, една од најголемите издавачки куќи за електронска музика која е во сопственост на Армин ван Бјурен. Огромно благодарам до Фед ле Гранд и целиот тим нa ’Дарклајт рекордингс’ за целата поддршка и доверба“, напиша тетовецот, споделувајќи ја веста на Фејсбук.

За новото издание веќе се спрема видео запис во Белград, соопшти Галоски кој е едно од ретките диџејски имиња од овој регион на Европа што успева константно да биде дел од светските диџејски плејлисти и врвни издавачки куќи. Само минатата година неговите изданија се најдоа на радио емисии кај светски познати имиња како Хардвел, Авичи, Дејвид Гета, Димитри Вегас и Лајк Мајк, Афроџек, Ники Ромеро…

На самиот почеток на годината тој има закажана турнеја во Азија, за крајот на февруари и настап заедно со суперстар-диџејот Афроџек во март во Љубљана.

„Годинава сакам да ги поместам сите граници со настапи на страна на сите најголеми настани ширум светот, да бидам дел од најголемите издавачки куќи и да оставам посебен белег и инспирација за новите генерации дека со џебови полни соништа и напорна работа сѐ е возможно“, вели Галоски.

Веста е преземена од: www.radiomk.com