На 18-ти декември 2018 година, во хотелот ТЦЦ Гранд Плаза во копје, Коалицијата на младински организации СЕГА го промовираше првиот Извештај за 2018 година од Индексот за младински развој Македонија. Во однос на категориите кои беа испитувани преку Индексот за младински развој, најниски вредности се идентификувани кај вработување, образование и граѓанско учество. Дополнително, Индексот дава и насоки во кои области е потребно да се интервенира и кои приоритетни аспекти би требало  да се покријат.

Зоран Илиески, тим лидер на проектот од Коалиција на младински организации СЕГА изјави: „Оваа алатка е прва од ваков тип кај нас во Македонија и истата го бележи напредокот на граѓанското учество на регионално ниво. Индексот претставува ресурс со кој граѓанските организации како и локалните чинители ќе користат релевантни мерливи податоци за да ги адресираат актуелните потреби на младите во образованието, здравството, вработувањето, како и граѓанското и политичкото учество“.

На настанот свои обраќања имаа и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, Раководителот на Сектортот за анализа на политиките и координација во Генералниот Секретаријат на Владата на РМ, Сузана Никодијевиќ-Филиповска, директорката на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Ана Дракиќ и Александар Цеков, надворешен консултант, истражувач во Центарот за истражување и креирање политики.

Овде можете да го превземете првиот извештај од Индексот за Младински Развој Македонија.

Индексот за младински развој во Македонија е подготвен како дел од проектот на Коалицијата на младински организации СЕГА „Зајакнување на младинската вклученост во локалните заедници“ чија цел е да се зголеми влијанието на младинските организации кон граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво, со што ќе се придонесе кон подобрување на статусот и добросостојбата на младите луѓе во државата.

December 20, 2018