Занимливости за Виенскиот новогодишен концерт

Утринскиот Новогодишен концерт од Виенската филхармонија е навистина прекрасен настан за почеток на новата година, кој традиционално се одржува од 1939-та година и е нешто што ни го разубавува почетокот на новата година веќе долго време, барем откако се пренесува на телевизиите.

Првото издание на овој сега светски музички настан се одржало на 31 декември 1939 година под диригентска палка на Клеменс Краус. По вториот концерт одржан во 1941 година, официјален датум станал 1 јануари.

Шеесет години поминаа од првото телевизиско емитување на овој музички спектакл, кое било на 1 јануари 1959 година под диригентска палка на Вили Босковски.

Денес, концертот го пренесуваат повеќе од 90 земји во светот, а во музиката уживаат милиони гледачи. Ако сакате да присустувате на еден од овие концерти, мора да учестувавате во лотаријата за да дојдете до билет. Уште во февруари се отвораат пријавите за концертите. Пријавите се собираат до 28 февруари, а извлекувањето на среќните добитници е во март. За новогодишниот концерт може да добиете по два билети за човек, а цената се движи од 25 до 1039 евра.

Иако традиционално Виенскиот новогодишен концерт се поврзува со музиката на семејството Штраус, сепак во неговата програма не се застапени само делата на Јохан, Јозеф и Едвард Штраус. Во една од најпрестижните светски концертни сали „Музикферајн“, која е дом на Виенската филхармонија, на сцената украсена со цвеќиња, се изведуваат музички дела од Јозеф Ланер, Емил Валдтојфел, Карл Михаел Цирер, Јозеф Хелмесбергер, Јозеф Хајдн, Волфганг Амадеус Моцарт, како и Рихард Вагнер. Секој од диригентите се избира со гласање меѓу музичарите од оркестарот. Оваа година таа чест му припадна на германскиот диригент Кристијан Тилеман, кој е еден меѓу најбараните диригенти во светот.

Познатиот валцер „На убавиот син Дунав“ и „Маршот Радецки“ се двете композиции со кои традиционално завршува секој новогодишен концерт на Виенската филхармонија.

Оваа година се прослави уште еден јубилеј, а тоа е 150 години од основањето виенската Штатсопера. Во чест на оваа извонредна годишнина, во периодот меѓу двата дела на концертот, каде по традиција веќе 27 години се прикажуваат специјално подготвени филмови, телевизиските гледачи  погледнаа 24-минутно музичко патување зад сцената на Виенската државна опера.