ЕВС – Најдобрата одлука во мојот живот

Да ги споделиш своето знаење, вештини и помош со оние на кои им треба – тоа е нешто посебно. Волонтерството е совршена шанса да го направиш тоа.

Да бидеш волонтер значи да постанеш дел од свет без граници, стереотипи и дискриминации, свет полн со иксрени пријателства кои ќе траат за навек, како и авантури кои ќе ти ја исполнат душата и ќе те натераат да размислуваш надвор од границите. Ова особено искуство ти дава незаменлива шанса да поминеш одредено време во друга земја, сосем различна од твојата матична, или ако милуваш слична на истата. Ти овозможува да научиш нови јазици бесплатно, да запознаеш луѓе од најразлични краеви од светот со нималку слични културни поаздини, да патувап и да ја развиваш својата личност помагајќи во активностите организирани од страна на локалната заедница.

Изгледа како невозможна мисија да се опише ЕВС искуството на една страница, затоа што бев поддржана и инспирирана од многу луѓе, па некој начин постигнав повеќе отколку што планирав и очекував.

Јас бев волонтер во Резекне, Латвија. Мојата цел како волонтер во театарот беше да го подучам локалното население да пишува и зборува на англиски јазик, да организирам креативни работилници за деца и млади и да научам повеќе за латвиската култура како и овој интересен јазик. За кратко време се здружив со другите волонтери во оваа прекрасна Балтичка земја, моите студенти и локалното население. Така и започнав да ги поддржувам проектите на моите пријатели и волонтери, помагав во организирањето на театарски претстави и снимање филмови, радо помагав при организирање на многу активности организирани од Општината, театарот и локалното население, како и останати волонтерски здруженија за заштита на животните и бездомните луѓе. Исто така имав можности да изработам и реализирам неколку сопствени проекти, кои ми овозможија да ја презентирам својата култура, моите способности и желба да направам нешто вредно за локалната заедница.  Во текот на своето ЕВС-искуство имав можност да работам со заменик-градоначалникот на Резекне, врвни актери и новинари, што ме направи особено горда кога тие одлучија да ми веруваат мене и да постанат дел од моите часови.

Да се биде дел од тим составен од луѓе со различна културна позадина и националност, дефинитивно е најдобрата работна атмосфера. Ние бевме различни но обединети од желбата да направиме нешто посебно, нешто што ќе остане.

Секој ден кога се враќав дома после часови или после одреден проект јас имав насмевка на моето лице затоа што чувствував дека правам нешто добро, за себе и за останатите. Тоа ми ги исполнуваше срцето и душата со среќа задоволство.

Токму затоа препорачувам секому што побрзо да постане дел од ЕВС зашто тоа е најдобрата шанса за запознавање нови луѓе, подобрување на своите знаења и вештини и разбирање на различни култури. Едниставно, ЕВС ти го дава светот на дланка.

Но, да се биде волонтер не значи само патување и работа. Тоа е духовно патување што ти помага да се откриеш себеси. Бесконечни животни лекции е нешто што мора да го добиеш на крајот од своето искуство како волонтер. Токму тоа ми помогна да постанам подобра, позрела и независна личност подготвена да се соочи со сите предизвици. Не велам дека течеше мед и млеко. Имав многу успеси но имаше и неколку падежи. Сепак тоа е животот и секој човек мора да искуси неуспех за да постане подобра верзија од себеси.

Благодарна сум на мојата домашна организација која ме испрати на ова незаборавно животно патување, а јас никогаш нема да ја заборавам Латвија и она што оваа земја и мојата организација – домаќин ми го пружи.

 

Written by: Vaska SARAFILOSKA