„ЗОО Приказна“ на Здравко Стојмиров во Прилеп

На 15 Септември 2017 (петок) во 21:00ч во фоајето на ЦК„Марко Цепенков“ Прилеп ќе се одржи перформансот “ЗОО Приказна” на кој ќе настапи актерот Здравко Стојмиров.

Премиерата на перформансот ,, Зоо приказна’’по Едвард Олби се одржа во мај 2017 година во Враца-Унарија, на фестивалот за камерни театарски форми и беше одликувана со награда за театарски eксперимент. Во овој перформанс, ликот на Питер е публиката.

Ликот на Џери е во постојана комуникација со секој гледач во публиката, кој тој своевремено и своеволно го определува како таков или различен од она што е. Односно гледачот може да биде перцепиран како животно, инсект, предмет или да ја менува неговата општествена или сексуална определба. Оваа навидум комична приказна раскажана од забавниот, комичен, интелигентен и себеироничен лик-Џери, завршува трагично заради неговата ненадејна смрт кога ,, Питер’’ изреволтиран од него, несакајќи го убива. Човекот-отфрлен од општеството е мртов човек. Стравот како оружје за себеуништување. Стравот на поединецот кон општеството и обратно. Дали убиецот е самиот поединец или општеството? Перформансот е ,,Space specific theatre’’ и трае 50 (педесет) минути.

Оваа изведба е поддржана од манифестацијата ,,Нов културен бран“ на Министерството за култура на Република Македонија.