The 2018 Eurovision Song Contest

Деновиве во Лисабон (Португалија) се одржува 63-то издание на фестивалското шоу – Евровизија. Минатата година победата ја однесе португалскиот претставник Салвадор Собрал со песната: “Amar Pelos Dois”. Годинава, македонски евровизиски претставници се Eye Cue кои се претставија со песната: “Lost and Found”.

Евровизискиот настан се одржува во Алтис арената во Лисабон, а се состои од две полуфиналиња на 8ми и 10ти мај и големото финале кое ќе се одржи утре – на 12 мај. Оваа година на фестивалот учествуваат 43 држави и за прв пат после 2011 година, нема држава која се откажала од учество. Годинешниот слоган за фестивалот е “All Aboard”.

Во првата полуфинална вечер учествуваа 19 држави а своето место во финалето го обезбедија: Австрија, Естонија, Кипар, Литванија, Израел, Чешка, Бугарија, Албанија, Финска и Ирска.

На втората полуфинална вечер настапија 18 држави, а десетте учеснци кои се придружија на останатите во финалето се: Србија, Молдавија, Унгарија, Украина, Шведска, Австралија, Норвешка, Данска, Словенија и Холандија.

Вкупниот број на финалисти кои ќе настапат на 12 мај во Лисабон изнсува 26 – односно земјите кои обезбедија учество на првата и втората полуфинална вечер заедно со учесниците од Шпанија, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и минатогодишниот победник – Португалија.

На овогодинешната Евровизија присутни се бројни светски познати музички имиња како што се: Cesar Sampson (претставникот на Австрија), Rasmussen (Данска), Madame Monsieur (Франција), The Humans (Романија) и Alexander Rybak (кој во 2009 година настапуваше на Евровизија во Москва и го освои првото место со досега највисоко бодирање за евровизизиски претставник од 387 поени) како претставник на Норвешка.

Пред големото финале шпекулациите за новиот евровизиски победник и понатаму не стивнуваат. Обложувалниците предвидуваат победа за кипарската претставничка Eleni Foureira, но не помалку добро котираат и израелската претставничка Netta, француското дуо Madame Monsieur, претставничката на Литванија – Leva Zasimauskaite и швеѓанецот Benjamin Ingrosso.

Финалната вечер од овогодинешната Евровизија ќе се емитува на 12ти мај,  на МРТ1 со почеток во 21:00 часот.

Добра музика, четиричасовна забава, исчекување и нов евровизиски победник за 2018 година. Само дел од причините да бидете дел од ова шоу.

Во продолжение следуваат неколку интересни факти поврзани со Евровизија:

  1. Помеѓу учесниците на Евровизија кои и ден денес имаат успешна кариера се: АББА, Селин Дион, Клиф Ричард и Хулио Иглесијас.
  2. Дали знаете дека на главната сцена на Евровизија не е дозволено да има повеќе од 6 луѓе (вклучително придружните вокали и танчерите). До 1971 година било дозволено на сцената да има само тројца.
  3. Ирска го има рекордот во победи на Евровизија и тоа 7 пати. Шест од нив биле во 80те и 90те години: 1970, 1980, 1987, 1992, 1993, 1994 и 1996 година.
  4. Италија ја бојкотирала Евровизија во 1981 година, велејќи дека е премногу старомодна.
  5. Првата победа на Португалија беше во 2017 година.
  6. Првиот скандал на Евровизија се случил во 1957 година, кога данските пејачи Birthe Wilke и Gustav Winckler се бакнувале 11 секунди на крајот на настапот.
  7. Во 2016 година Романија беше дисквалификувана од Евровизија поради неплатени долгови кон EBU.
  8. Најмладиот учесник на Евровизија имал само 12 години. Тоа бил претставникот на Монако – Jean Jacques во 1969 година со песната:”Maman maman”. Додека пак, најстариот учесник бил 95-годишниот Emil Ramsauer од Швајцарија.
  9. 60-то издание на Евровизија во 2015 година имало рекорден број на земји учесници во големото финале – 27.
  10. Евровизија претставува најголемото музичко шоу во светот.