„Подари ми насмевка“ – Промоција на нова логопедска сликовница

Во Среда 28 март 2018 во 18.30 часот, во ликовниот салон на ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде претставена Првата логопедска сликовница во Македонија „Подари ми насмевка“.

Слковницата е под мотото „Сакајте го своето дете и оставете ја работата дома“од авторите Катерина Иваноска Вангелова и Татјана Петреска.
Сликовницата изобилува со совети за родителите и игри за децата со цел да се стимулира развојот на говорот на децата за да можат навремено да го усвојат правилниот изговор на гласовите.

Промоцијата ќе ја водат:
Професор Цеца Видова Трајческа – проф. по македонски јазик
Данијела Петреска – логопед
Д-р Ирена Москова – педијатар
Гордана Ивановска – дефектолог
Наташа Икодиновиќ Талеска – логопед

Авторката Катерина Иваноска Вангелова, родител, добива совети од неа за своето дете уште на негова двегодишна возраст, ги применува, а успехот е очигледен и видлив за најблиските и околината.
-Најважниот совет „Сакајте го своето дете и оставете ја работата дома“. Знаејќи колку малку време имаат родителите да читаат денес, покрај обврската да ги ги раснат своите деца, па макар и да се едуцираат преку литература за развојот на децата, дојдов на идеја за концептот да се создадат овие логопедски сликовници кои ќе им бидат од помош на сите деца и родители кои ќе ги користат. Читајќи ја сликовницата родителите и децата учат. Родителот лесно ќе се потсетува кои игри да се играат, а детето ќе биде мотивирано да ги игра разгледувајќи ја сликовницата – вели Катерина.

Авторката Татјана Петреска има 25 годишно искуство како логопед во логопедска амбуланта. Покрај што работи со говор на деца, таа им дава стручни совети на родителите како да му помогнат на своите деца преку игра.