Младински Совет Прилеп овозможува ЕВС мобилност во Полска

Младински Совет Прилеп, заедно со партнер организацијата Eduq Association,

објавува повик за ЕВС волонтер во Полска.

  • Број на волонтери: 1
  • Организација: Eduq Association
  • Место: Lębork, Poland
  • Времетраење на проектот: 1 октомври 2018 – 31 септември 2019
  • Име на проектот: Action Information

За организацијата

Eduq Association e невладина организација која е формирана во 2008 година во Lębork, Полска. Главна цел на организацијата е да стимулира развој на децата, младите и младинските работници. Дел од целите и активностите на кои работи организацијата се: промоција и подигање на Европската свест, активно граѓанство и интеркултурен дијалог помеѓу младите кои сакаат да стекнат искуство во странство, организирање на креативни работилници, креирање на брошури и одржување на веб – сајтот на организацијата, учество во национални, регионални и интернационални проекти во областа на неформалното образование за млади, а воедно организацијата има акредитација за примање и испраќање на волонтери во странство во рамките на ЕВС и овозможува поддршка на други невладини организации во Локалниот Граѓански Центар.

За градот

Леборк е мал, историски град, лоциран во западниот дел на областа Померанија. Се наоѓа 4км од езерото Лубовиц, 30км од Балтичкото море (Леба) и околу 70км од Три-град (Гданск, Гдиниа, Сопот).

 

Опис на активностите

Волонтерот ќе работи во организацијата од 5 до 7 часа дневно, 5 дена во неделата. Од волонтерот се очекува и самиот да работи на негов личен проект, на пример: да организира месечни настани поврзани со неговата култура и земјата од која доаѓа. Волонтерот треба да биде подготвен понекогаш да работи и попладне или за време на викенд.

Дел од активностите на волонтерот се:

  • спроведување на часови по Англиски или Германски јазик (волонтерот ќе работи како наставник во општината Леборк и околните села. Волонтерот може да предава Англиски или Германски јазик. Во прилог на тоа, Eduq Association им нуди на локалните луѓе бесплатни јазични курсеви, на некој од јазиците кој го зборуваат волонтерите. Волонтерот ќе има можност да држи часови по јазик преку примена на директен метод (кој се базира на конверзација со ученикот) или вежби, кои ќе бидат по идеја на волонтерот).
  • Промоција на ЕВС и на културата и државата од која доаѓа волонтерот помеѓу учениците од локалните училишта (волонтерот ќе прави презентации и ќе организира работилници за ЕВС и за неговата култура/земја и ќе ги споделува со младите луѓе кои живеат во општината Леборк (а посебно со учениците), во текот на проектот. Оваа активност ќе биде повремена).
  • Реализација на идеите кои ги има волонтерот за дополнителни активности (волонтерот треба да биде креативен и да има идеи за неговиот/нејзиниот личен проект којшто тој/таа ќе го реализира во локалната заедница).

Постои можност за волонтерот да додаде активности кои се поврзани со неговите/нејзините интереси/професија во неговиот/нејзиниот распоред.

Активности за волонтерот од Македонија:

  • “новинар/репортер” за Eduq Association
    (да ја дополнува содржината и да пишува статии за Eduq на англиски јазик, да менаџира и да раководи со facebook/instagram блоговите и да ги промовира активностите на организацијата, да спроведува интервјуа за челнови на Eduq, да спроведува анкети во локалната заедница, да пишува извештаи за активностите на Eduq)
  • Eurodesk канцеларија
    (да им дава на младите луѓе информации за студирање, вработување, волонтирање во странство, преку работилници во училиштата и канцеларијата, да прави презентации за ЕВС и другите проекти за мобилност на младите, да помага во координацијата на мобилноста: да бара проекти, партнери и сл.)

Профил на волонтерот:

Проектот е отворен за млади луѓе кои сакаат да бидат волонтери и имаат над 18 години. Од волонтерите се очекува да бидат креативни, отворени, комуникативни, трпеливи и мотивирани за работа во организацијата. Исто така, од нив се очекува да бидат независни и подготвени да работат на различни активности. Ќе се цени нивната самоиницијативност и креативност.

За дел од активностите, се бара волонтер кој има познавања од Photoshop или други програми за едитирање. Волонтерот треба да биде мотивиран да одржува работилници/презентации за младите во Леборк.

Добро би било доколку волонтерот има основни познавања од Англиски јазик и сака да учи Полски јазик што би му помогнало многу во секојдневниот престој во Полска, а воедно ќе му овозможи да биде целосно вклучен во активностите на организацијата.

Доколку сакате да бидете дел од едно незаборавно волонтерско искуство,

испратете ваше CV и мотивационо писмо на

andrej.gabroski@ycp.org.mk, најдоцна до 10 Јуни 2018 година.