Изложба на уметнички дела – Колонија Дрен ’17

Од денес, 25 август 2017 во 20 часот во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на дела од 10 издание на ликовната колонија Дрен 2017, што се одржа во месец јуни годинава под покровителство на Министерството за култура.

Љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност да проследат вкупно 21 дело насликано од 12 уметници од Македонија, Русија и Бугарија. На увид ќе бидат делата од нашите сограѓани Билјана Бинчев, Алекандар Џинго, Верче Николоска, Тони Чатлески, Новица Трајковски, Петра Јовановска, Драган Најденовски и Андријана Мациев од земјата, Ривка Беларева и Виктор Пушкин од Русија и Маријана Везарова и Пламен Бонев од Бугарија.

 


-Седумдневната работна дружба на уметниците остави прекрасни дела зад себе. Сериозни остварувања, одсликани состојби на секојдневието, но не на сивилото кое не обременува, туку рефлексијата на душата наспроти него, со надеж ЗА и верба ВО подобро и посветло утре. Насликано со боите на винижитото, колоритет кој зрачи оптимизам и јасно ги потенцира и разграничува спротивностите.
На овие платна исцртани се линии, форми, содржини едноставни, но моќни каква што всушност е уметноста, ова се платна полни со љубов и силни пораки, независно од темата, стилот и техниката. Пулсираат со живот, го слават и ни го прикажуваат убавото, чистото и невиното во него. Ни порачуваат дека животот е уметност, а уметноста е најубавото нешто што му се случило на човештвото – вели Елизабета Дерменкоска-Цефи за делата од годинашната колонија Дрен 2017.