Успешно спроведени Драмски Вечери на СОУ Ѓорче Петров

По иницијатива на Драмската секција на СОУ „Ѓорче Петров“, училишната младинска организација и институцијата Дете – правобранител на 15 декември 2017 година , веќе традиционално по вторпат, се одржа Драмската вечер со помош и соработка на Коалицијата на младински организации СЕГА со локалната членка Младински совет Прилеп. Со посебна благодарност упатена кон Управата на Домот на Културата „Марко Цепенков“ за отстапениот простор во големата сала. Задоволството беше големо заради преполната сала гледачи и љубители на театарот, но и хумани ученици, родители и професори, бидејќи оваа манифестација имаше хуманитарен карактер.

Голема чест ни причинува реализацијата на овој настан, којшто, веруваме дека ќе ги анимира младите да се вратат повторно кон вистинските вредности, да умеат да ја ценат уметноста и духовното богатство.

Најефективниот влог во образованието е вложувањето во напредокот на младите. Токму тоа се обидуваме овде да го промовираме. Истовремено, со задоволство ќе се дружиме и ќе ги разменуваме меѓуучилишните искуства.

Драмската секција на СОУ„Ѓорче Петров“, под менторство на професорката по македонски јазик и литература, Билјана Тинтоска, веќе подолго време работи на реализацијата на овој настан, преку ангажманите и вложувањата во напредокот на секцијата. Имено, Драмска секција постои и успешно работи од 1999г. и бележи многу успеси и постигнувања и на локално и на државно ниво и учествува и во многу хуманитарни активности.

Драмската вечер започна со настапот на нашите драги гости од Драмската секција на СОУ„Ристе Ристески- Ричко“, којашто ќе ја изведе претставата ,,Еден училишен час“, под менторство на проф. Андријана Челебитова.

Улогите ги толкуваат: Анастасија Ристеска, Рената Миноска, Галена Стојаноска, Андреј Златаноски, Игор Моцаноски, Маријана Јовческа, Стефанија Петреска, Викторија Стојаноска, Илија Биноски, Немања Бабович, Димитар Атанасоски, Дамјан Преспаноски,  Рубин Ацески  и Анастасија Конеска .

Премиерната изведба на комедијата „Љубовна династија“, според сценарио на Филип Стојаноски, остави посебен впечаток  Под менторство на проф. Билјана Тинтоска, и улоги толкувани од:

Константин Василески, Филип Стојаноски; Антониј Колески, Андреа Јованоска, Круме Талески, Харалампие Тасески, Валерија Чавлеска, Ивана Настеска, Матеа Богданоска, Ана Јорданоска, Сара Сурлаџиоска, Димитар Ристески, Џеладин Шериф, Марија Недеска, Леонид Момироски и Ѓорѓи Кузески.

Атмосферата на Драмските вечери ја исполнија и звуците на изведбите ученици чија голема љубов е музиката. Настапи пејачката група “Nervous musicals”, составена од Теодора Стојческа, Стефана Најдоска, Марија Јаковлеска и Елена Врбоска, со изведбата на сплет песни од групата АББА.

Свое музичко претставување имаа и, Михаил Алексоски и Марија Јаковлеска, ученици со докажани музички квалитети. 

Драмските вечери завршија со ветување дека настанот ќе продолжи како традиција која ќе се негува постојано.