Започна националната кампања „365 работнички права за младите!“

Од 01 јануари 2018 година, Коалиција СЕГА во соработка со Факултети.мк и Агенција за млади и спорт на Р. Македонија официјално ја започнаа Националната кампања „365 работнички права за младите!“.

Следете ја самата кампања на ИНФО СЕГА и Коалиција СЕГА секој ден и запознајте се со вашите работнички права!

Кампањата има за цел да ја подигне свеста кај младите за нивните работнички права. Преку активностите на кампањата ќе се делува кон зголемување на свеста на младите луѓе да разберат дека имаат права на работното место на кој начин, каде и како да се информираат за нив.

Кампањата „365 работнички права за младите!“ вклучува серија на активности кои ќе се спроведуваат во текот на 2018 година  и истите предвидуваат консултативно – едукативни средби, јавни дискусии, ИНФО Денови и настани преку кои ќе се опфатат голем број на млади (средношколци и студенти), млади работници, работодавачи, донесувачи на одлуки на локално и национално ниво и невладини организации со цел подигнување на свеста за гарантирање на правата на работно место. Преку активностите на кампањата ќе се влијае и на зголемена свест за важноста од информирањето за работничките права за севкупната јавност во Република Македонија.

Aктивности кои ќе следат во рамките на Националната кампања:

–       Повик за партнери и поддржувачи  на кампањата; 

–       Start up настан – Конференција за лансирање на кампањата;

–       Обука за работнички права на младите организирана од ILO (Меѓународна организација на трудот);

–       Анкета за млади „Колку младите ги познаваат работничките права?“;

–       Организирање на ИНФО ДЕНОВИ, работилници со средношколци и студенти, натпревар за млади за најдобра фотографија на локално и национално ниво;

–       Гостување во емисии на национални и локални медиуми;

–       Неформални средби со млади / Јавни дискусии на локално ниво;

–       Online кампања во текот на цела година со објавување секојдневно по едно право од законот за работни односи.