Моето ЕВС доживување во Латвија

Здраво на сите!

Јас сум Васка и моментално сум дел од долгорочен ЕВС проект во Резекне, Латвија.

Оваа е можеби една од најдобрите одлуки што сум ги донела во животот. Волонтирам во театар, опкружена со позитивни луѓе кои работат таму, се дружам со голем број волонтери од сите страни на светот и имам интересни и предизвикувачки задачи.

Многу луѓе ми велеа: „Немој да одиш на толку долго време, 12 месеци далеку од дома, со непознати луѓе и преладна зима. Како ќе издржиш?“

Верувајте, времето поминува пребрзо, зашто сите волонтери сме тука да се дружиме, забавуваме и патуваме. Често организираме заеднички вечери, што ја отвора можноста да се проба традиционална храна од најразлични земји во светот, има интересни и необични места кои ги посетуваме, се дружиме, работиме, спортуваме, создаваме заеднички проекти и си помагаме едни со други. Едноставно прераснавме во големо семејство.

Во однос на зимата, уште не знам како ќе се снајдам на -30 степени и едвај чекам да дојде тој предизвик. Волонтерите кои се тука веќе 7-8 месеци велат дека со соодветна облека нема да имаме проблеми во текот на најладниот период од годината.

Како е да се живее во Латвија? Становите се опремени со одлични системи за греење и сите услови за удобен живот. Храната е одлична и со изненадувачки ниски цени.  Јас живеам во мал град, во кој ретко се наоѓаат луѓе кои зборуваат англиски, но затоа сите течно зборуваат руски, па за нас, волонтерите од Македонија, е лесно да се разбереме со овдешните жители. Во секој случај, сите се добродушни, сакаат да помогнат, па во секој момент може да се потпреш на некој, без  разлика дали ќе зборуваме англиски или ќе се разбираме со мимики, гестови и по некој руски збор.

Отсекогаш сум сакала да патувам, а живеењето во овој дел од Европа и запознавањето луѓе од другите европски земји, ги зголемува шансите за почести патувања и бесплатни сместувања. Тука сум нешто повеќе од еден месец, а веќе имав можност да ги посетам повеќето латвиски градови, да отидам во Белорусија и Литванија.  Па доколку некој сака да посетува разни места во светот, дефинитивно треба да аплицира за ЕВС проект.

Дефинитивно во ниту еден момент досега не се покајав што аплицирав за ЕВС проект. Да живееш далеку од дома, со голем број истомисленици од разни места во Европа е едно прекрасно искуство. Што ќе биде понатаму, не знам, но верувам дека оваа година брзо ќе помине и ќе ми биде тешко да се вратам дома.

 

Васка САРАФИЛОСКА