Комедијата „Битола – Прилеп, прекутрупа“ на 31 мај во Прилеп

,,Распрскани низ светот, како Бумеранг секогаш се враќаме назад.”
– Распрскани низ светот, секогаш се враќаме назад. Како бумеранг. Во родната Македонија. Токму тоа е асоцијацијата во името на нашиот театар. Бумеранг значи дека секогаш се враќаме дома, каде и да не пуштиш, каде и да сме – вели еден од актерите во театарот Бумеранг.
Преку комичните и карикирани ликови на мр. Џими(Мише Автаровски), мисс. Виолета(Елена Трпковска) и Џордан(Љупчо Крстевски) или мр. Џордан ќе видиме една необична, а истовремено и толку обична и секојдневна македонска и балканска приказна каде би се пронашол секој од нас. На нивната годишнина од бракот двајцата сопружници, (кои некогаш заминале од Македонија и сега живеат во Сиднеј, Австралија), решаваат да ја прослават оваа ноќ назад во Македонија. Се сместуваат во Скопје, во хотелот Пелистер. Опкружени со историско културни објекти, патриотското чувство е неизбежен детал кое ги води низ банални конфликти во текот на целата драма. Мисис Виолета е по потекло од Прилеп, а нејзиниот сопруг мистер Џими е по потекло од Битола. Се препукуваат за територијални прашања, за различни вкусови, за тоа кој град е подобар во својот амбиент,стил и традиција. Се расправаат за своите деца, за тоа како се воспитани, се сомневаат во својата верност и така во круг се дури не го прочешлаат целиот свој живот во една ноќ. Цел life во една night.
Мр. Џордан пак, ликот на Љупчо Крстевски, се инволвира и ја освежува целата драма како рецепционерот на хотелот, кој истовремено е и хигиеничар, ги забавува со музика и прави се за неговите гости. Типичен македонец во овие времиња и услови.,,Трчај угоре, трчај удолу, а бакшиш..нула!” Претставата е урнебесно комична, ,,елегантно” сатирична, раскажува за нас Македонците кои сме, што сме, какви сме и дали ако заминеме, ќе ни фали ова тукашното?!
Претставата ја доживеа својата премиера пред битолската публика и освои премногу позитивни критики.
Останува да одите и да уживате! Битола Прилеп прекутрупа! 31 Мај, Среда. Центар за култура Марко Цепенков – Прилеп. Цена на картите 100 денари.
 
Превземено од: setaliste.com.mk