Коалиција на младински организации СЕГА објавува повик за волонтери!

Коалиција на младински организации СЕГА во партнерство со организациите „Наша дјеца“од Зеница, Босна и Херцецовина и „Тачка комуникације“ од Панчево, Србија започнаа да го спроведуваат проектот „If stories could walk, If cities could talk“ кој е поддржан од фондацијата Western Balkan Fund.

Целта на проектот е подобрување на поврзаноста и соработката во регионот и младите преку нови алатки за мапирање, истражување и презентирање на локалното и регионалното наследство. Имено, проектните активности предвидуваат петнаесет млади од трите градови  да бидат директно вклучени во креирање на звучните мапи за културните наследства на градовите Прилеп, Панчево и Зеница.

Специфични цели на проектот:

  1. Да се ​​зголеми вклученоста на младите луѓе во областа на афирмација на културното наследство преку заедничка истражувачка платформа помеѓу трите града;
  2. Зајакнување на младите луѓе за можностите за користење на различни алатки за промовирање на културата и препознавање на потенцијалот на културниот туризам;
  3. Подобрување на врската меѓу градовите, различните генерации, институционалното и неинституционалното (социјално) наследство преку промоција на локалниот туризам врз основа на искуството.

Проектот предвидува серија на активности, обуки за млади, изработка на радио колажи кои ќе бидат емитувани директно во програмата на радијата „Активни”, “Апарати” и онлајн радио „Пулс”.

Краен резултат на проектот е креирање на веб платформа преку која луѓето од регионот ќе имаат онлајн пристап до звучните мапи кои ќе бидат како водичи низ историјата, современа култура, институционално и социјално наследство во регионот.

Со цел постигнување на крајниот резултат, СЕГА повикува млади луѓе-волонтери да помогнат при спроведување на проектот.

Предност при селекција ќе имаат млади кои се занимаваат со фотографија.

Краен рок за пријавување: 15.06.2018

Пријавувањето, како и повеќе информации околу проектот може да добиете на следната е-маил адреса: sajna@infosega.org.mk

Ве очекуваме!