“Исцелител” на Ѓорче Ставрески премиерно во Прилеп

Во четврток 17 мај 2018 од 20.00 часот вo киното Мис Стон премиерно ќе се прикаже филмот „Исцелител“.  Репризата е во петок  18.5.2018 во 20.00 часот.

По шест месечната успешна фестивалска турнеја на филмот „Исцелител“ на светските филмски фестивали, филмот ќе се прикажува и во Прилеп, во кино Мис Стон.

„Исцелител“ од својата премиера на 9-ти ноември досега, за само шест месеци, се прикажуваше на 23 светски филмски фестивали, од кои два беа од А категорија. Филмот освои 9 меѓународни награди, меѓу кои 5 беа за најдобар филм. „Исцелител“ е прв македонски филм добитник на награда на филмскиот фестивал во Солун во 58 годишното постоење на фестивалот. Тој е добитник и на наградите за најдобар филм во Санта Барбара, САД; Бергамо Филм Митинг, Италија; Филмскиот фестивал во Обањ, Франција и на фестивалот Let’s CEE во Виена.

„Исцелител“ беше прикажан на три филмски фестивали во САД, исто толку во Индија, на најголемиот фестивал во Иран, на еден од најголемите фестивали во Кина, на фестивал во Колумбија, на престижниот „Црни ноќи“ во Естонија и на многу други европски филмски фестивали.

За филмот бравурозни рецензии објавија неколку од најзначајните светски филмски списанија меѓу кои и „Variety“, „Hollywood Reporter“, „Screen Daily“ и „Senses of Cinema“, но и значајни балкански и македонски списанија.

Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.

КРАТОК СИНОПСИС НА ФИЛМОТ:

Веле работи во железничкото депо како механичар и платата му доцни со месеци. Немајќи пари да купи лекови за својот татко кој е болен од рак, тој прави колач со украдена марихуана за да му ги ублажи неподносливите болки. Одеднаш е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и соседите душкала кои сакаат рецепт за „магичниот“ колач, а во Веле гледаат нова надеж – исцелител.

Влезниците за филмот се по цена од 100 денари.

Доколку има интерес филмот ќе се прикажува и следните денови.