Ед Ширан апсолутен победник на Billboard Music Awards 2018

На 20 мај во Лас Вегас се одржа доделувањето на музичките награди на Billboard.

Инаку, оваа музичка манифестација се одржува уште од 1990 година, се до 2006 година – кога беше прекината, но повторно започна да се емитува од 2011 година. Обично се одржува во мај, како што впрочем беше и оваа година. Ова музичко шоу е рангирано како второ најголемо музичко шоу на годината, а се презентираат и наградуваат најголемите музички достигнувања во изминатата година. Артистите се натпреваруваат во вкупно 57 категории.

Оваа година, водител на манифестацијата беше Кели Кларксон, а апсолутен музички победник со вкупно 6 награди и 15 номинации беше Ед Ширан. Тој беше прогласен за Најдобар изведувач, Најдобар машки изведувач, Најдобар Hot 100 изведувач, Најдобар радио изведувач, Најдобра радио песна и Изведувач со најпродавана песна.

Второто место по освоени награди го зазеде Бруно Марс, кој беше победник во пет категории и тоа: Најдобар R&B изведувач, Најдобар машки R&B изведувач, Најдобар R&B албум за “24K Magic”, Најдобра R&B турнеја и Најдобра R&B песна за “That’s What I Like”.

“Despacito” на Луис Фонси, Деди Јенки и Џастин Бибер беше избрана за најдобра латино песна, а истата беше победник и во категориите Најпродавана песна, Најдобра соработка, Најдобрa Top 100 песна и Најстримувана песна.

За најдобра група беа прогласени Imagine Dragons, а нивната песна “Beliver” за Најдобра рок песна. Наградите за Најдобар женски изведувач и за Најпродаван албум ги однесе Тејлор Свифт, а Дрејк беше избран за Најдобар Billboard 200 изведувач.

На следниот линк можете да ја видите целосната листа на номинирани изведувачи и победници по категории https://www.billboard.com/articles/news/bbma/8456842/billboard-music-awards-2018-winners-list-bbmas