Бројна Македонска продукција на Канскиот Филмски Фестивал 2018

И оваа година од 08 – 19 мај во Кан (Франција) се одржува Канскиот Филмски Фестивал кој ја задржа својата популарност од 1946 година па се до денес. Фестивалот започна со премиерата на “Todos lo Saben” режиран од иранецот Асгар Фархади во кој главните улоги ги толкуваат Пенелопе Круз и Хавиер Бардем.

Годинава на познатото филмско платно ќе бидат прикажани неколку македонски играни филмови. Копродукцијата “Дива круша” на режисерот Нури Билге Џејлан ќе се натпреварува во официјална конкуренција со филмови на истакнати режисерски имиња.  На фестивалот ќе бидат презентирани и два долгометражни филмови “Ефектот на среќата” на Борјан Зафировски и “Дедо и внук” на Илија Пиперковски, а исто така и два краткометражни филмови и тоа: “Една” и “Готлиб”.

На 14ти мај – прв ќе биде прикажан македонскиот игран филм “Ефектот на среќа”, каде главните улоги ги толкуваат Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, а продукцијата е на “Ново Македонско видео”. Во истиот ден ќе биде прикажан и филмот на Илија Пиперковски со наслов: “Дедо и внук”, а копродукцискиот филм “Дива круша” има закажана проекција за на 18ти мај.

Овој настан е на големо следен од будното око на филмските критичари и пребирливата публика. Фестивалот ќе ја има својата завршна манифестација на 19ти мај кога ќе биде прогласен победникот и ќе ја добие  Златната палма – највисокото филмско признание.

Им посакуваме многу среќа и успех на нашите филмски претставници.