Богата уметничка и музичка програма на репертоарот на НУЦК Марко Цепенков

И овој петок, НУЦК Марко Цепенков излегува со богата културно-музичка програма за својата верна публика. Одберете меѓу изложбата “Дали и ти си мигрант” од уметникот Дарко Талески и концертот на мешаниот хор “Драган Шуплевски” од Скопје.

Во петок 1 јуни 2018 во 20.00 часот во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата “Дали и ти си мигрант” од  прилепскиот уметник Дарко Талески.

Податоци за изложбата

ДАЛИ И ТИ СИ МИГРАНТ?

Изложбата е составена од 5 портрети на локални прилепски уметници. Портретирањето е колаж од лични фотографии, фотографии од случувањата во дадениот период, лични текстуални изјави, текстуални факти за случувањата во тој период, цртежи. Започнувајќи од колажниот портрет на авторот на изложбата Дарко Талески со неговите најрани корени за бегањето од родното место на неговите предци во крајот на 19 и почетокот на 20 век во Бугарија, преку портретот на ликовниот уметник Васко Костов кој ја пренесува личната приказна за неговото семејно заминување од Егејска Македонија после Втората Светска војна т.е за време на граѓанската војна во Грција, следува портретот на Ферди Булут кој го портретира масовното заминување на Турското население од тогашна Југославија во Р. Турција во периодот на 50-тите години на минатиот век. За да се заврши со портетите на Јасмина Руневска и Лепа Милошеска кои ни ја доловуваат сликата на економските мигранти кон крајот на 20 век и почетокот на 21 век.

Исто така, во петок на 1 јуни 2018 година во 20.00 часот во ликовниот салон од ЦК„Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје.

Програма за концертот

Диригент: Сашо Татарчевски

В.а.Моцарт: Извадоци од Реквием

(Confutatis, Rex tremendae, Lacrimosa, Dies Irae)

Антон Брукнер: Christus factus est

Ола Јаило: Northern lights

Љубомир Денев: Вик`т

Стефан Гајдов: Калеш Анѓо

Тодор Скаловски: Рапсодија 2

Томислав Зографски: Марика

Трајко Прокопиев: Кумановка 4

МЕШАН ХОР „ ДРАГАН ШУПЛЕВСКИ “ – ФМУ СКОПЈЕ

Хорот “Драган Шуплевски” при ФМУ Скопје е значаен фактор во музичкиот живот на РепубликаМакедонија. Сегашното име го добива во 2002 год., во чест на долгогодишниот раководител и диригент, проф. Драган Шуплевски. Покрај своите редовни концерти, хорот учествува и во проекти заедно со другите ансамбли на ФМУ и на реномирани музички фестивали како “Мајски оперски вечери”, “Интерфест,” “Нишки хорски свечености”, “Мајски хорски конкурс”, “Варсовиа Кантат“ и.т.н. Репертоарот опфаќа композиции од ренесансата па се до најсовремени творби, како а-капела, така и вокално-инструментални композиции. Посебен настан секоја година претставуваат концертите на духовна музика во централните храмови на Македонската православна црква и католичката црква во Македонија.

Од концертите на хорот се направени и неколку ТВ и радиоснимки, а ФМУ издаде и ЦД под диригентство на СашоТатарчевски.

Својот квалитет и напредокот во последните неколку години хорот ги потврдува и со освојувањето на награди на меѓународни хорски натпревари, како во Варшава (Полска), Римини (Италија), Краков (Полска) …

Уживајте во богатата културно-музичка програма на НУЦК Марко Цепенков.