„АЛАДИН И ВОЛШЕБНАТА ЛАМБА“ премиерно во Прилеп

Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп во партнерска соработка со Училиштето за театар Чин 4 Сцена 5 од Прилеп, во Недела, 22 октомври 2017 година во големата сала на Н.У. Центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток од 12:00 часот, премиерно ќе ја изведе новата хит претстава за деца и млади со наслов АЛАДИН И ВОЛШЕБНАТА ЛАМБА.

Најголемиот предизвик во подготовките и адаптацијата на цртаниот филм Аладин и волшебната ламба од Дизни за сценска изведба не е само технички, но и комичен пред се во намерата да се најде начин да се репродуцира извонредниот магичен вокален лик на Џинот во изведба на Робин Вилијамс, а воедно и збогатувањето на македонскиот фонд на адаптирани дела од светската драматургија надополнети со македонски сонгови кои дополнително го збогатуваат овој вид на музичко-сценско дело.

Дејството се случува во конвенционална средина на средниот исток во градот по име Акраба во Арабија. Формулата на Дизни е позната како и секогаш: обичен херој Аладин со насмевка на лицето што плени, избувлива, прото-феминистичка принцеза Јасмин, која се бунтува против судот и традицијата на  oпштеството во кое припаѓа, се носечките ролји на овој музичко сценски спектакл.